Кумановци кои живеат во најголемите приградски населби сè уште се и во наредниот период ќе бидат без превоз. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски денеска информираше дека постапката не е завршена во целост. Второстепената комисија ги прифатила дел од жалбите поднесени од превозниците. Општината ќе распише нови линии за големите населби, како и за линиите на кои не се јави ниту еден превозник пореди економска неисплатлвост.

– Постапката ќе се повтори, ќе одиме на јавно наддавање за спорните линии и дополнително ќе бидат распишани нови повици за линиите за кои не се пријави никој. Морам да потенцирам дека во пракса се покажува една работа дека одредени правни субјекти и стопанственици се посилни од законот, изјави Димитриевски.

Што се однесува до превозот на учениците, Димитриевски истакна дека секое училиште и директорите согласно законот имаат овластувања и надлежноста на училиштата е да склучат договори со превозници, во случај кога нема градски превоз.

– Првиот пат во итна, вториот во редовна, што значи училиштата се неврзани во функционирањето на општината и не мора да чекаат на оваа тендерска постапка. Досега требале да ги уредат и во овој период да ги уредат односите, изјави Димитриевски.

Димитриевски рече дека жалбената постапка е во периодот од 15 дена и посочи дека општината го добила одговорот, последниот ден.

– Не сакам да ја коментирам одлуката на второстепената комисија, но повторно ќе потенцирам дека се покажува во пракса дека некои приватни субјекти се дури посилни од системот и едноставно многу е тешко во такви моменти да излезете на крај со нив. Јас ќе бидам истраен во моите ставови, бидејќи мојот приоритет пред сè е ако кумановци плаќаат за јавен превоз да добиваат и квалитетна услуга, рече Димитриевски.

Тој потенцира дека граѓаните претходно реагирале за некои превозници кои според него не ги одржувале линиите, немале редовни тргнувања и заминувања, како и за квалитетот на автобусите за кои нагласи, дека мора да исполнуваат минимум Еко 4 стандарди.

– Имаме многу спорни точки не се работи за едно возило, се работи за поголем број на превозници и возила, некои од нив се дрзнуваат и да даваат директни насоки на превозник, кој, каде и како ќе стопанисува кога ќе вози, за тоа ќе има една поопсежна истражна постапка за која ќе бидат информирани надлежните државни органи. Ќе се борам против овој процес и нема да дозволам никој да биде над законот, изјави Димитриевски.

Во одлуката на второстепената комисија, како што појасни градоначалникот, имало технички пропуст или недостаток на еден документ од еден од понудувачите.

– Вториот понудувач го користи тој момент и ја обжалува постапката и повотрно ја враќа на разгледување. Ќе имаме нова постапка кај што ќе има можност да се пријават сите и секако тој што ќе даде најповолна понуда т.е. најголем број тргнувања, заминувања, најквалитетни услуги од возило со кое ќе врши превоз тој ќе биде избран-изјави Димитриевски.

Тој кажа дека има осум линии вклучително и оние за кои немаше интерес поради неатрактивност и кажа дека не може да прејудицира кога ќе заврши целата постапка.

– Во секоја постапка која завршува рок од 15 дена има период на жалба и тоа зависи од второстепената комисија. Кога немате јавно претпријатие кога немате сопствени автобуси како град, ниту пак општина Куманово ја имаа таа привилегија како што Скопје своевремено доби кредит, средства директно од Владата да си купи превозни средства ние тоа го обезбедуваме на начин како што можеме, а во овој момент ние толку можеме. Имате фирми и компании кои во континуитет работат и ја вршат услугата. Побаравме од истите да го зголемат квалитетот на возилата и тоа не се случи, или се случи со некои од нив само на хартија не и во пракса, рече Димитриевски.

Тој рече дека ќе бара превозниците доследно да се држат до законот, а граѓаните рече го ставиле на ова позиција и бараат од него да се грижи за услугите и за здравјето, алудирајќи на старите возила кои го загадуваат воздухот.

На првиот тендер беа избрани превозници до селата, а беше обезбеден и превоз за учениците, откако еден месец, цел јануари кумановци беа без превоз.