Корисниците кои се снабдуваат од водоводот Росоки-Дебар добија вода по 13-часовен прекин. Жителите на градот Дебар, дел на општина Центар Жупа, кои се снабдуваат со вода за пиење од овој водовод, преку кракот кај Мелнички Мост, како и селата Долно Косоврасти и Рајчица, низ кои минува цевководот, вчера немаа вода од 9 до 22:15 часот.
Како што и беше најавено од Јавното комунално претперијатие „Стандард“, кое стопанисува со водоводот, прекинот беше поради продолжување на проектот за замена на старите вентили на цевководот.
-Извршивме замена на седум воздушни и испустни вентили од каптажата долж цевководот. Проектот го почнавме кон крајот на ноември минатата година, кога, во првата фаза, во каптажата во Росоки беа заменети 11 вентили. Вкупно се 66 вентили, што значи дека остануваат за замена уште 48, сите поставени пред три и пол децении, кога е и изграден водоводот, изјави за МИА Бурим Каба, директор на ЈКП „Стандард“.
Водоводот Росоки-Дебар е изграден во 1987 година со зафаќање на вода од изворите кај селото Росоки, Мала Река, во должина од 32 километри, а според Каба, ова е прв ваков значаен зафат на водоводот. Се реализира со средства од буџетот на општина Дебар, по што ќе почне и проект за ревитализација на цевководот со што ќе се придонесе во подобрување на состојбата со водоснабдувањето.