Општина Битола во рамки на проектот „Интеграција на зелен транспорт во градовите” почна со поставување фотонапонски панели, што се наоѓаат на кровот на спортската сала „Боро Чурлевски“.

Во рамки на проектот се врши и поставување на станица за полнење на електрични возила.

-Со целосното завршување на проектот, предвидено е да се дизајнира и примени енергетски ефикасен, регионален интелигентен транспортен систем – ИТС кој ќе овозможи и промоцијата на прекуграничната област, развој на туризмот…Со реализацијата на проектните активности, Општина Битола, набави и две електрични возила, едно комбе и едно возило, како и соодветна комуникациска опрема со адекватен софтвер. Последната фаза од проектот вклучува пилот употреба и ставање во функција на комплетниот систем, информираа од локалната самоуправа.

Увид врз проектот, кој е аплициран во 2016 година, изврши градоначалникот Тони Коњановски, кој беше запознат со имплеметацијата што е во рамки на првиот повик од ИПА Прекуграничната програма за соработка со Република Грција 2014 – 2020, и со вкупен буџет за Општина Битола од 196.330,00 евра.