Изготвен е елаборат за влијание на недостатокот на вода по биолошката разновидност на Тиквешко Езеро, во рамките на иницијативата за спас на втората по големина вештачка акумулација во државата.

Роберто Паризов, претседателот на Здружението „Еко-живот” кое исто така учествуваше во изготвувањето на документот, напомена дека во елаборатот потсетуваат на богатството од животински и растителен свет, кое е загрозено со намалувањето на нивото на водата во езерото.

– Намаленото ниво на езерската вода е закана за биолошката разновидност. Познато е дека животните и растенијата се размножуваат со ограничувања диктирани од расположливиот простор за живење и расположливи ресурси. Целиот еколошки систем претставува еден повеќегодишен непореметен синџир, кој при големо повлекување на водата, ќе доведе до изумирање на одредени микроскопски форми на живот, кои служат за храна, но и на други поголеми форми на организми. Со тоа ќе се намали и целокупниот фонд на живи суштества во Тиквешко и пределот околу езерото. Главниот проблем настанува поради недостатокот на елементарната животна срдина, неопходна за опстанок на растенијата и животните – смета Паризов.

Според него, вештачкото уништување на тој дел од животната средина доведува до хендикеп на претставниците на биолошката разновидност да најдат компензација за средината и неопходните услови за нивен опстанок, при што доаѓа до потполно угинување на одредени видови, или нивна редукција на минимум.

Со елаборатот што е изготвен во рамките на иницијативата за спас на езерото се препорачува мораториум за испуштање на водата од Тиквешко во пролетните и летните месеци, од март до септември.

– Воведување на минимална висина на водата под која ќе биде забрането испуштање на водата за стопански цели, освен за наводнување на земјоделските насади. Предлагаме формирање на интерсекторско тело од министерства надлежни за оваа проблематика, претставници од општина Кавадарци и граѓански сектор, по што во најбрз можен рок ќе се донесе регулаторно решение, за трајно спречување штети од евентуално намалено ниво на езерото – вели Паризов.