По повод одбележувањето на 78 години од Февруарскиот поход, Општина Делчево во недела (27 февруари) организира пригодна свеченост пред спомен-обележјето на планината Голак.

Во рамки на настанот, како што информираа, ќе се одржи и традиционалниот планинарски марш кој се организира во соработка со Планинарскиот-спортски клуб „Голак" од Делчево.

-Тргнувањето за учесниците на планинарскиот марш е планирано во 07:45 часот на 27 февруари од пред Спомен-домот АСНОМ во центарот на Делчево. Маршрутата е во правец Делчево – Стар Расадник-манастирски комплекс „Св. Богородица Балаклија" – детско одмаралиште – шумска зграда). Патеката е долга 20 километри (во двата правци). За учесниците на планинарскиот марш е обезбеден ладен оброк и чај, информираа од Општината.

Пријавување за учество на планинарскиот марш, како што додадоа, е кај лицето Љупчо Чучуковски, претседател на ПСК „Голак" на тел 070/605-137 или во Општина Делчево на тел. 033 411 550.

По повод значајниот датум од НОВ, Општина Делчево ги поканува сите заинтересирани граѓани, институции, политички партии и здруженија на граѓани кои сакаат да присуствуваат на настанот, со почитување на актуелните препораки за заштита од Ковид -19, да положат свежо цвеќе пред спомен-обележјето поставено на планината Голак.