Одлуката на Општина Тетово не е во најдобар интерес ниту на идните средношколци од градот, ниту на бизнис-заедницата која покажа подготвеност да се вклучи во проширување на концептот на дуално образование, соопшти Министерството за образование и наука реагирајќи на одлуката на Општина Тетово да го откаже денешниот настан во рамки на дијалогот на МОН за унапредување на средното стручно образование и креирање на уписната политика за идната учебна година, на кој требаше да биде домаќин и таму да присуствува ресорниот министер Јетон Шаќири.

-Ниту една измислена причина не може да ја затскрие политичката позадина на ваквата постапка на градоначалникот на општина Тетово. Чекорот е погрешен, бидејќи во образованието нема простор за политика и за правење обиди за собирање политички поени. Во образованието фокусот се и мора да бидат учениците, наставниците, студентите, професорите и нивните најдобри интереси. Напорите на МОН за модернизација на средното стручно образование и негово прилагодување на потребите од стручен кадар на локално ниво, не секаде се добронамерно сфатени и најдобро прифатени. Класичен пример за тоа е денешната одлука на општина Тетово да го откаже настанот организиран по овој повод кој беше однапред договорен како дел од поширока агенда за дијалог со бизнис-заедницата и сите локални самоуправи во државата, а поддржан од проектот „Образование за вработување“ и од Амбасадата на Швајцарија, наведува МОН во реакцијата.

Министертството укажува дека одлуката на Општина Тетово не е во најдобар интерес ниту на идните средношколци од градот, ниту на бизнис-заедницата која, како што посочува, покажала подготвеност да се вклучи во проширување на концептот на дуално образование и обезбедување добри услови за практична обука и квалитетно стручно усовршување и подготовка на младите тетовци за брз и успешен настап на пазарот на трудот.

-Во иднина разумот мора да надвладее, бидејќи носителите на политички функции имаат обврска да работат и служат во интерес на граѓаните. Откажаниот настан од страна на општина Тетово ќе се одржи во некој од следните денови и веруваме дека градоначалникот ќе биде добар домаќин на средбата со претставниците од МОН, Швајцарската амбасада и локалната бизнис-заедница, наведува Министерство за образование и наука во реакцијата.

Општина Тетово денеска информираше дека е откажан настанот со Министерството за образование и наука со објаснување дека тоа е поради непочитување на функцијата градоначалник. Соопшти дека пред да почне настанот најавен за 10 часот, требало да има средба помеѓу министерот Јетон Шаќири и градоначалникот Билал Касами во 9 часот, но кога се јавиле дали пристигнала делегацијата им било речено дека нема да дојдат на средбата. Непочитувањето на градоначалникот на Општина Тетово, беше соопштено, значи непочитување и на сите граѓани кои живеат во градот.