„Не можеме ние со истите цени на млекото да бидеме чувари на стандардот на населението“
Покачувањето на цените, се реперкуира и врз фармерите, чије производството на млеко и млечни производи од ден на ден ги чини се повеќе и повеќе, а откупната цена за нивното млеко е во повеќе месечно мирување, потврдуваат тие. Фармерите очекуваат нештата наскоро да се променат.
– Во однос на многу други гранки ние фармерите производители на млеко и млечни производи, од ден на ден сме во се потешка и потешка ситуација, бидејќи млекото што го добиваме од кравите е со непроменета цена до сега а во исто време поскапе концентратот од 16 на 29 денари, кабастата храна, струјата, горивата и сè друго што ни е неопходно за да го произведеме млекото, рече фармерот Енвер Алими, кој направи споредба на цената на млекото со онаа на минералната вода.
– Ќе направам една споредба на литар млеко што ние го продаваме во откупните центри чини само 18 денари, колку што чини и литар минерална вода. Се прашуваме дали млекото сепак не чини нешто повеќе пари во однос на амбалажираната вода, за чие производство трошоците се далеку помали, вели Алими.
Тој е сопственик на фарма со стотина високо млечни крави, кој очекува наскоро цените на откупеното млеко да се покачат а тие да застанат на здрави нозе и да продолжат да работат профитабилно.
– Со оглед на фактот што нашиот производ се продаваше и сè уште се продава по иста цена а сè друго што се импутираше во нашиот производ поскапе, за очекување е и цената на млекото да биде повисока и да ја следи економската логика. Ние само на тој начин ќе работиме доходовно и ќе ја развиваме оваа гранка како во претходните неколку години.
Не можеме ние со истите цени на млекото да бидеме чувари на стандардот на населението, бидејќи нашата рентабилност е доведена во прашање-додаде фармерот и потсети дека од државата очекува наскоро да добие и 15 крави молзници, со што ќе ја зголеми бројноста на млечни крави и се разбира количеството на предадено млеко.