Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски, родната Струмица ја одбележа осумнаесет годишнината од неговата смрт.

Членови на семејството Трајковски, пратеници, граѓани, роднини, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани со положување свежо цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ја искажаа својата почит.

Венец пред споменикот положија и претставници на Владата, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и државниот секретар во министерството за локална самоуправа Кирил Парталов.

За ликот и делото на претседателот Трајковски, зборуваше претседателот на Советот на Струмица Марјан Даскаловски.

– Претседателот Трајковски беше чест гостин и почитуван граѓанин на Струмица, а последен пат во својот роден град престојуваше во вторникот на 24 февруари, кога заедно со дваесеттина илјади свои сограѓани и гости од цела земја, го следеше Големиот Струмички карневал. Осумнаесет години од тој ден, ние струмичаните и сите македонски граѓани, стоиме простум со тага и почит, но и со гордост дека токму тој – Борис Трајковски беше наш современик, роднина и пријател, наш сограѓанин и претседател, истакна Даскаловски.

Во рамките на одбележувањето на осумнаесет годишнината од смртта на претседателот Трајковски млади рецитатори од Домот за деца и младинци „Благој Мучето“ од Струмица одржаа пригоден рецитал.