Денеска се навршуваат 19 години од атентатот на српскиот премиер и лидер на Демократската партија (ДС) Зоран Ѓинѓиќ. Премиерот на Србија беше убиен на 12 март 2003 година во дворот на зградата на Владата на Србија, а за неговото убиство беше осуден офицерот на Единицата за специјални операции на Одделот за државна безбедност (ЈСО), Звездан Јовановиќ, на 40 години затвор. На истата казна е осуден и командантот на ЈСО Милорад Улемек Легија за организирање на убиството. Политичката позадина на атентатот на Ѓинѓиќ никогаш не е откриена, јави дописникот на МИА од Белград.

Премиерката Ана Брнабиќ и членовите на нејзиниот кабинет денеска положија венец на спомен плочата во дворот на Владата, каде пред 19 години беше убиен Зоран Ѓинѓиќ.

Неколку стотици граѓани денеска му оддадоа почит на Зоран Ѓинѓиќ, првиот демократски избран премиер на Србија, одејќи пешки од Ташмајдан до Алејата на заслужните граѓани на Новите гробишта.

Поворката, носејќи бели рози, ја предводеа претставници на опозициската коалиција Единствена Србија – претседателот на ДС Зоран Лутовац, претседателот и потпретседател на Партијата за слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас и Мариника Тепиќ, претседателот на Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Павле Грбовиќ, како и поранешната министерка во владата на Ѓинѓиќ, Гордана Матковиќ.

Поранешниот српски премиер Зоран Живковиќ изјави дека секоја годишнина од атентатот на Зоран Ѓинѓиќ потсетува на тоа каде можеа да бидат граѓаните на Србија доколку тоа не се случеше и каде се сега.

– Доколку реформите што тој ги започна продолжија по 5 октомври, ние во Србија би можеле да имаме слобода на печатот, независно судство, почитување на сите човекови и малцински права, а стандардот би бил далеку подобар од денешниот, изјави Живковиќ за Данас.

Како што наведе, стандардот во Србија би бил барем на ниво на Словачка, а практично во последните 19 години се направени само неколку чекори напред, во првата година по убиството на Ѓинѓиќ и 100 чекори назад.