Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, во разговорот со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, изразил длабока благодарност за силната поддршка што тој и хрватската Влада ја даваат на Украина, како и за активната улога на Хрватска во НАТО.

Во соопштението на Стејт департментот се наведува дека Блинкен во телефонскиот разговор со Пленковиќ ја повторил американската поддршка на Украина во соочувањето со продолжената војна на рускиот претседател Владимир Путин.

Блинкен и Пленковиќ разговарале и за дронот што на 10 овој месец падна во Загреб.

Пленковиќ синоќа преку „твитер“ објави дека Блинкен во разговорот му „изразил загриженост и поддршка после падот на дронот“, како и подготвеност на НАТО за заштита на хрватското небо.

„Меѓу другото Блинкен ја нагласил и клучната улога на Хрватска во осигурувањето на европската иднина на целиот Балкан, вклучувајќи ја и Босна и Херцеговина. Исто така го поздравил и Стратешкиот дијалог меѓу САД и Хрватска закажан за 17 овој месец, на кој меѓуагенциски тимови на високо ниво ќе ги разгледуваат заедничките напори за унапредувањето на приоритетите од меѓусебен интерес“, се наведува во соопштението на Стејт Департментот.

Инаку, Пленовиќ уште рече дека пред продолжувањето на преговорите за изборниот законик во БиХ, тој од американскиот државен секретар побарал поддршка во постигнувањето договор што ќе обезбеди рамноправност на Хрватите како еден од трите конститутивни народи во Босна и Херцеговина.