Европската комисија потврди дека одобрувањето на буџетскиот план за закрепнување за Бугарија повторно се одложува за еден месец, јави дописничката на МИА од Брисел.

Земјите членки на ЕУ од минатата година ги поднесуваат своите нацрт буџетски планови до Европската комисија во рамките на програмата за закрепнување на ЕУ, овие планови мора да бидат одобрени од Европската комисија пред да бидат усвоени на национално ниво, бидејќи поради пандемијата буџетските правила во ЕУ се изменети.

Бугарија својот план го поднесе минатата есен, но поради низа забелешки беше одлучено да се одложи анализата и одобрувањето на буџетот до март оваа година.

Денеска Европската комисија изјави дека се воведува уште едно одлагање од еден месец во договор со бугарските власти.

-Блиску сме до финализирање на планот на Бугарија, службите на Европската комисија заедно со Бугарија се договорија за дополнителен месец одлагање, сметаме дека е во наш заеднички интерес да се финализира процената што е можно побрзо пред овој рок, изјавија од Европската комисија.

Бугарија би требало со ова до 15 април да добие одговор и зелено светло за нејзиниот буџет за закрепнување.

Европската комисија не даде повеќе детали за причините за ова повторно одлагање.