Без оглед на позадината, каков и да е изговорот за војната во Украина, ништо не може да го оправда газењето на националниот суверенитет на земјата, жртвите, уништувањата и огромните страдања. Ова го истакна бугарскиот претседател Румен Радев на прес-конференција со романскиот претседател Клаус Јоханис во Букурешт, каде е во работна посета.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информациии професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Румен Радев рече дека војната во непосредна близина на нашите граници радикално го менува безбедносното опкружување во нашиот регион. Безбедносниот систем во Европа, изграден со децении, се урива пред наши очи, рече шефот на државата.
Тој рече дека системите и рутите за снабдување, комуникациските линии, нивното прекинување, особено во Црното Море, заканата за енергетската безбедност, воведувањето на невидени санкции кон Русија, ги ставаат нашите економии и општествени системи на голем тест.
Сите овие процеси ја консолидираат единството и определбата во Европската унија и НАТО за координирани дејствија во целиот спектар на меѓународните односи, рече претседателот Радев.