Новиот спот на Александар Вучиќ во пресрет на изборите во Србија повторно ја бранува српската и пошироката јавност.

Во спотот излегува од фрижидер на млад брачен пар и ги наведува успесите кои ги постигнал во претходниот период.

„Извинете, но важно ми е да допрам до секој граѓанин на Србија. Останува уште многу да се направи. Ни требаат повеќе патишта, повеќе железници, фабрики… Ако не се лажам, добивте и субвенција да се реши станбеното прашање. Кога сите во Србија ги имаат можностите што ги имате денес, нема да ме гледате толку многу. Се трудиме тоа да се случи што е можно поскоро. Дотогаш, запомнете, ако останеме обединети со тие цели пред нас, единствената граница се нашите соништа“, објаснува Вучиќ и се враќа во фрижидерот.

Српската напредна партија (СНС) на чело со Вучиќ, за оваа изборна кампања ангажираше израелска маркетинг компанија на чело со Асаф Еисин. Според информации на Нова.рс, поради претстојните избори, во Белград пристигнале педесетина луѓе кои се ангажирани само за креирање на кампањата.

Како што пренесува Нова.рс, оваа соработка меѓу СНС и Израелците трае од 2004 година, кога и се случила првата официјална средба меѓу Александар Вучиќ и Асаф Еисин. На тогашните избори Вучиќ загуби со само четири илјади гласови разлика.

Израелскиот ПР-експерт Еисин потоа во 2008 година работеше за „другата страна“ како советник на тогашниот претседател Борис Тадиќ, кој во вториот круг го освои вториот претседателски мандат.

Но, оваа соработка беше краткотрајна, а Вучиќ повторно го ангажираше „ПР-магионичарот“, со кој соработува и денес. Компанијата на Израелецот Асаф ја бие добар глас оти е „агенција за победа на избори“.