Австрискиот канцелар Карл Нехамер и делегација на Белата куќа денеска ќе престојуваат во одделни официјални посети на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти службата за односи со јавноста на косовското Претседателство, канцеларот Нехамер и претставниците на Белата куќа ќе бидат примени од претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Од кабинетот на косовската претседателка информираа дека делегацијата од Вашингтон ја сочинуваат асистентката на американскиот претседател Џо Бајден за национална безбедност, Елизабет Шервуд-Рандал, високиот директор за мултилатерални прашања при Советот за национална безбедност, Кертис Рејд, високата советничка во Советот за национална безбедност, Хилари Херд и координаторката за авганистански прашања при Стејт департментот, Холи Холзер. На средбата со Османи ќе присуствува и амбасадорот на САД во Приштина, Џефри Ховениер.