Полицијата во Бугарија го приведе поранешниот премиер Бојко Борисов како дел од истрагата за наводни уцени што датираат од 2014 до 2019 година, соопштија денеска бугарски обвинители.

Според информациите во медиумите станува збор за снимките на кои тогашниот премиер спие во хотелска соба а во наткасната до него има купчиња евра, злато и пиштол. Бугарските медиуми известуваат дека тие всушност ги добил од рекет на бугарски бизнисмен односно од најголемиот казино магнат во Бугарија.

Децениското владеење на 62-годишниот Борисов заврши минатата пролет, кога тој ги загуби изборите кои го покажаа народниот гнев поради корупцијата на високо ниво во најсиромашната земја-членка на Европската унија. Тој останува лидер на централно-десничарската ГЕРБ, најголемата опозициска партија.

Новата центристичка коалициска влада ја презеде функцијата во декември, ветувајќи нулта толеранција за митото во Бугарија, која е рангирана како најкорумпираната земја-членка на ЕУ од страна на Транспаренси интернешнал.

Поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и советничката за медиуми на ГЕРБ, Севдалина Арнаудова, исто така беа приведени синоќа, се вели во соопштението на обвинителството.

Министерството за внатрешни работи синоќа соопшти дека апсењата биле дел од операцијата поврзана со околу 120 истраги на Канцеларијата на Европското јавно обвинителство (ЕППО), кое истражува измами од големи размери со средства на ЕУ, во Бугарија.