Поранешниот министер за Безбедносните сили на Косово (ФСК), Агим Чеку вели дека, во актуелната безбедносна ситуација во светот, предизвикана од руската агресија врз Украина, може да дојде до зачленување на Косово во НАТО по забрзани процедури, јави дописникот на МИА од Приштина.
Чеку во интервју за РТВ21 изјави дека членството во Северноатлантската алијанса е цврста стратешка ориентација на Косово и дека условите за тоа се исполнети.
– Што се однесува до исполнувањето на стандардите, на техничките критериуми, ние тоа веќе сме го постигнале, изјави Чеку.
Приемот на Косово во НАТО со забрзани процедури, вели тој, би претставувало исклучок од правилата на Алијансата, меѓутоа во актуелната ситуација може реално да се очекува.
– Многу работи денес одат со забрзани процедури. На пример, за да купи Украина контигент оружје редовните процедури траат со години. И ФСК има договорено купување оружје, но тоа се очекува да стаса по две-три години. Но денес гледаме како некој донесува одлука по скратена процедура и утредента оружјето е во Украина. Кога е во прашање безбедноста, тогаш сé оди со скратена процедура и сé е можно, изјави Чеку.
Поранешниот министер за ФСК, кој во краток период по војната со Србија во 1999 година беше и премиер, смета дека Косово треба да испрати официјално писмо со барање за прием во НАТО.
– Некои земји, како Турција, веќе се изјаснија за прием на Косово во НАТО. Многу е важно Америка да одговори позитивно на ова наше барање, како и Германија или Обединетото Кралство и да се создаде критична маса од моќни држави. Тогаш другите земји треба само да не поддржат. сХватска нема дилеми за таа работа, ниту пак Албанија, изјави Чеку.