Странските дипломати во Тирана, реагираа по оставката на Љуљзим Баша, лидер на Демократската партија, најголемата албанска опозициска партија.

Според американската амбасада, одлуката што ја донел Баша заслужува почит, оценувајќи при тоа дека ставањето на интересите на партијата и државата над личните, е знак за вистинско лидерство.

Се додава дека силната опозиција која може да биде подготвена да води е од суштинско значење за демократијата.

-Се надеваме дека одлуката ќе го отвори патот Демократската партија да оди напред кон иднината, ќе ги зајакне специјалните односи на Албанија со САД, ќе ја зајакне поддршката за реформите и другите напори за намерата на Албанија да се приклучи на Европската унија и повторно ќе ги нагласи демократските принципи и идеали врз кои е основана. Поддршката на Соединетите Држави за демократијата и нејзината посветеност во борбата против корупцијата и неказнивоста остануваат непроменети, стои во реакцијата на американската амбасада.

Во објавата на социјалните мрежи, евроамбасадорот Луиџи Сореца вели дека ја почитуваат одлуката на Баша, притоа додавајќи дека на Албанија, како и секоја друга демократија, и е потребна силна опозиција која ќе бара отчет од владата и ќе ја контролира неа.

Меѓу другото, додава дека новото раководство на Демократската партија треба да ги промовира реформите со поддршка на оние во правосудството и борбата против корупцијата.

-Очекуваме новото раководство да ја игра оваа клучна улога и да продолжи да ја поддржува интеграцијата во ЕУ како основна цел на неговото дејствување, промовирајќи ги реформите и поддржувајќи ги реформите во правосудството и борбата против корупцијата, наведува Сореца.

И друг странски претставници во Албанија, во реакциите наведуваат дека ја почитуваат одлуката на Баша да се повлече од лидерската функција „ што е чин на вистински демократ што заслужува почит“.