Нешто повеќе од една третина од германските возачи планираат помалку да го користат автомобилот поради поскапото гориво, се посочува во студијата, која денеска ја објави британската компанија за истражување на пазарот и анализа на податоци ЈуГов (YouGov).
Истражувањето покажа дека 22,9 отсто од испитаниците веќе го оставаат својот автомобил дома, а 12 отсто од нив имаат намера да го користат помалку во иднина, објави ЈуГов.
Главната причина се парите, заклучува ЈуГов, наведувајќи дека половина од испитаниците рекле дека не сакаат да возат „за да штедат“, 16 отсто од нив како главна причина ја наведуваат околината, а 14,9 отсто сакаат повеќе да вежбаат.
Три четвртини од учесниците во истражувањето изјавиле дека до одреден степен зависат од автомобилот, делумно поради малиот број на опции за јавен превоз. Приближно половина од возачите користат автомобил најмалку пет пати неделно.
Руската инвазија на Украина ги зголеми цените на горивата во Германија на рекордно ниво, при што бензинот моментално чини во просек 2,09 евра за литар, а дизелот 2,16 евра.