По оставката на Љуљзим Баша, од функцијата претседател, до избор на нов, на чело на најголемата албанската опозициска партија, Демократската партија, ќе биде Енкелејд Алибеај, кој е еден од партиските потпретседатели.

Во неговата прва изјава како вршител на должноста претседател на партијата, тој пред партиското седиште кажа дека „единството е клучот на вредностите“ оти „денеска повеќе од кога било, има потреба од обединување“.

-Денеска верувам дека се потсетуваат сите оние кои пред 30 години гласаа обединети, избирајќи ја слободата, избирајќи ја демократијата и верувам дека единството во вредностите е клучот за сите оние кои денес страдаат како некогаш, всушност, како пред 30 години, друго решение нема. Единство кон овие вредности, почит еден кон друг, единство и кон она што е најголемото зло, режимот кој е веќе инсталиран во Албанија и кој се чувствува секој ден, од утро до вечер во животот на секое албанско семејство. И верувам дека ова е повик што доаѓа од душата и срцето не само на секој демократ, туку и на секој Албанец, рече Алибеај.

Додаде дека неопходно е единство меѓу демократите, што, верува тој дека ќе го постигнат заедно.

-Да се здружиме токму за доброто на Демократската партија, порача тој.

Четириесет и девет годишниот Алибеај, е актуелен пратеник, а министер за правда беше за време на демократската влада на Сали Бериша во периодот 2007/2009 година.

Според статутот по одлуката, која треба да ја донесе Националниот совет на партијата, нов лидер како и претходно ќе се избира според начелото „еден член, еден глас“, како што беше избран и Баша, кој на лидерската функција беше девет години.