Премиерот на Бугарија Кирил Петков, на средбата со своите колеги од Северна Македонија – Димитар Ковачевски, Романија – Николае Чука и Црна Гора – Здравко Кривокапиќ , истакна дека Трансбалканскиот гасовод има капацитет да ги снабдува со енергија сите земји во регионот.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Петков, сега е време да се смени правецот на испорака на гас од југ кон север и запад од Романија и Северна Македонија.

„Коридорот 8 е клучен и треба да биде цврсто на картата на Југоисточна Европа. Треба да има координација на регионално ниво наместо да се купуваат скапи безбедносни системи“, вели петков.

Според него, безбедноста на храната е поврзана со снабдувањето со пченица, нафта и други клучни земјоделски добра. Министрите за земјоделство од овој формат наскоро ќе се сретнат за да разговараат за оваа важна тема.

Тој наведува дека клучот е да се запре перењето пари и корупцијата, кои се инструменти на руското влијание на Западен Балкан.