Координаторот на пратеничката група на албанските владејачки социјалисти, Таулант Бала, изјави дека ги почнале консултциите за предлог за нов претседател на државата.
-На состанокот на пратеничката група разговаравме за едно многу значајно прашање а тоа е изборот на нов шеф на државата. Според Уставот, процесот за избор на претседател мора да почне најдоцна до 24 мај. Во овој контекст, ПС, која е лидер во овој процес, бидејќи е мнозинство, ќе развие соодветен процес. Овој процес треба да биде отворен за консултации, нормално во рамки на албанскиот парламент. Ќе разговараме со другите пратенички групи а овие консултации денеска почнаа и во рамките на нашата пратеничка група, рече Бала по седницата на парламентарната група на партијата.
Toj додаде дека ќе има консултации со сите пратенички групи.
-На Албанија денес и треба нормален претседател. Со оглед на тоа што до сега имавме претседател кој е партија меѓу опозициските партии. Потребно е Албанија во 2022 година да избере претседател кој е спротивен на тоа што го претставува и го претставуваше Илир Мета. Во 2022 година Албанија ќе има многу подобар претседател од оној што го имаше во изминатите пет години, рече Бала.
Мандатот на актулниот претседател Илир Мета завршува на 24 јули, а законодавниот дом еден месец пред тоа треба да има избрано негов наследник на функцијата.