Во големиот пожар што зафати околу 500 хектари во општина Предвор, 30-ина километри северно од Љубљана, досега изгореа пет викендички, а повредени се неколку пожарникари кои сè уште се борат со огнената стихија.

Пожарот на падините на Побошка гора избувна вчера попладне на популарна излетничка локација, а пожарникарите сè уште не успеале да го локализираат, иако на помош им дошол хеликоптер на словенечката армија, пренесува индекс.хр.

Според пожарникарите, подрачјето на пожарот сè уште се шири, а се работи за шумска површина со многу сува смрека и други дрвја кои лесно горат поради долготрајната суша.

Денеска, како и вчера, околу 250 пожарникари се борат со пожарот, а во подготвеност е нова екипа од сто.

Противпожарен авион Канадер CL-415 на хрватското воздухопловство денеска е испратен во Словенија за да им помогне на словенечките пожарникари да го изгаснат овој голем шумски пожар, пренесува Хина.