Авганистанските државјани кои се засолнија во Албанија, од август минатата година, откако Талибанците го презедоа раководењето со државата, почнаа да ја напуштаат Албанија.

Медиумите објавија дека деновиве уште над 200 авганистански државјани, ја напуштиле земјата или досега околу 600, кои заминале главно во САД, Канада и некои европски земји.

-Од Албанија кон нивната финална дестинација, САД, отпатуваа 213 авганистански државјани, кои од месец август минатата година беа сместени во приморскиот град Шенѓин. Нивното заминување, како и на претходните групи било под силно полициско обезбедување и без присуство на новинарски екипи, пренесуваат медиумите.

Околу 2.400 Авганистанци по напуштањето на нивната земја се засолнија во Албанија, кои беа сместени, најпрво во студентските домови, а потоа во хотелски капацитети, главно во Драч и Шенѓин.