Републичката изборна комисија (РИК) го одложи објавувањето на конечните резултати од парламентарните и претседателските избори во Србија поради повтореното гласање на 55 избирачки места, кои ќе се одржат в сабота, на 16 април.

Од коалицијата „Обединети за победа на Србија“ велат дека граѓаните на Белград гласале за промени и бараат гласањето да се повтори на сите избори во главниот град, а потпретседателот на СНС, Милош Вучевиќ, изјави денеска дека ќе побара од претседателот Александар Вучиќ наесен да оди на нови парламентарни избори, бидејќи граѓаните истите ги сфатиле „лесно“, јави дописникот на МИА од Белград.

По објавување на РИК на резултатите од парламентарните избори, според кои владејачката Српска напредна партија (СНС) освои 120 мандати, што е најслаб резултат откако е на власт и за првпат после повеќе години нема да може сама да состави влада, потпретседателот на СНС, Милош Вучевиќ, изјави дека „ќе побара од претседателот Александар Вучиќ да оди наесен на нови парламентарни избори, бидејќи граѓаните се фокусирале на претседателските избори и лесно ги сфатиле парламентарните избори поради што ги раздвоиле гласовите“.

Предходно вицепремерката и член на претседателствто на СНС , Зорана Михајловиќ, изјави дека „не знам дали ќе бидам во владата, но ми се чини дека со сигурност можам да кажам кој нема да биде премиер, Ивица Дачиќ нема да биде премиер, генерално сум против коалицијата со СПС“.

За разлика од парламентарните избори, каде СНС има можност со малцинските партии или со социјалистите на Ивица Дачиќ, во зависност од неговите политички амбиции, да формира коалициона влада, исходот на изборите за град Белград покажаа дека коалицијата меѓу СНС и СПС не е доволна за овојување на власта во главниот град на Србија, што важи исто и за опозициските партии, доколку постигнат договор за коалицирање.

По синоќешниот состанок на опозициските партии кои учествуваа на градските избори во Белград, лидерот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас изјави дека „Обединети за победа на Белград“ ќе поднесе приговори на 258 избирачки места и дека е подготвен да разговара за повторени избори со Александар Вучиќ, кој одговор на ова барање ќе го даде вечерва на гостувањето на РТС.

Но по денешното соопштение на Заветници, дека Ѓилас нема мандат во име на опозицијата да преговара со Вучиќ за белградските избори и изјавата на Жика Гојковиќ кој е лидер на фракцијата на ПОКС со освоени два мандати во градското собрание дека „нема да учествува во преговорите за градска власт“, можностите на опозициските партии и со повторување на градските избори во Белград се намалуваат.

По изборите единствено е сигурна победата на Александар Вучиќ за претседател на Србија, а одговор на постизборниот заплет за белградските и парламентарни избори го даде Мариника Тепиќ, прва на листата „Обединети за победа на Србија“, која кажа дека ваква политичка криза не е забележана откако СНС е на власт.

-Или одиме на повторување на изборите или одиме на протести ако не реагира Градската и Републичката изборна комисија, изјави Тепиќ.