При гостувањето на ТВ ТФ1 во рамки на предизборната кампања, францускиот претседател и кандидат Емануел Макрон, остро му одговори на полскиот премиер Матеуш Моравјецки, кој, според него, „се меша во француската политичка кампања” и „целосно ја прифаќа одговорноста” што разговара со Владимир Путин, јави дописникот на МИА.

Емануел Макрон на TФ1 ги опиша како „неосновани” и „скандалозни” критиките на полскиот премиер Матеуш Моравјецки за неговите телефонски разговори со Владимир Путин во врска со војната во Украина. Во понеделникот Моравјецки остро го критикуваше шефот на француската држава: „Господине претседателе Макрон, колку пати сте преговарале со Путин, што сте добиле? Ние не дебатираме, не преговараме со криминалци, мора да се бориме со криминалците”. И да додаде: „Никој не преговараше со Хитлер. Дали би преговарале со Хитлер, со Сталин, со Пол Пот? Сето тоа додека се обвинуваат одредени европски лидери за „одолговлекување” и „напразно зборување”.

„Овие коментари се и неосновани и скандалозни, но не ме изненадуваат”, бидејќи г-динот Моравјецки, поддржан од „екстремно десничарска партија” „се меша во француската политичка кампања” откако „неколку пати ја прими г-ѓата (Марин) Ле Пен “, која ја „поддржува”, изјави францускиот претседател-кандидат.

-Целосно прифаќам одговорност дека постојано, во име на Франција, разговарав со претседателот на Русија за да се избегне војна и да се изгради нова архитектура на мир во Европа пред неколку години”, одговори Емануел Макрон, кој разговарал со рускиот претседател во многу наврати од почетокот на инвазијата на Украина од страна на руската армија на 24 февруари.

-Јас го направив тоа од почетокот на мојот мандат и никогаш не бев наивен, за разлика од другите, никогаш не бев соучесник, за разлика од другите, додаде тој. Додека многу лидери на владејачкото мнозинство во Франција ги доведуваат во прашање врските на Марин Ле Пен со станарот на Кремљ.

-Отсекогаш сум работел на тоа да се разговара со Русија и постојано разговарав за постигнување прекин на огнот, хуманитарно примирје, како што тоа го прави и канцеларот (Олаф) Шолц во Германија или другите шефови на држави и влади во Европа. Мислам дека тоа е моја должност, тоа е без самозадоволство и без наивност, продолжи тој, инсистирајќи и на санкциите преземени против Москва.