Најголемиот акционер во „Еуростандард банка“, бизнисменот Трифун Костовски го објави независниот извештај во врска со стечајот на „Еуростандард Банка“. Тој истакна дека местото и улогата на „Комерцијална банка“ е посебно истражено од страна на Драго Кос.
– Јас со овој мој исказ сакам само да обзнанам дека незаконски се искористени три милиони евра од страна на Комерцијална Банка, наменски даден депозит од „Еуростандард банка“, кој не може да биде пренаменет или користен за други потреби, без согласност на надзорните одбори на двете банки. Во договор, кој го знаат само управните одбори на двете банки, овие средства се исчезнати, рече Костовски.
Според Костовски, „Еуростандард банка“ била однесена во стечај со умисла. Без негово и знаење на акционерите, „Еуростандард банка“ била вклучена во незаконските шеми, а Народната банка не ги искористила сите алатки што ги има на располагање.
Народната банка, како што посочи тој, ги искористила само редовните мерки и стечајот како алатки, а вонредните мерки биле делумно искористени, иако во нејзина надлежност било и одземањето лиценци на членовите на Управниот и Надзорниот одбор и директори на сектори. Прескокната е и алатката администрација.
– Во средината на 2019 година, кога на чело на банката беше стариот Управен одбор, предводен од Николче Петкоски, состојбата на „Еуростандард банка“ од аспект на адекватноста на капиталот беше многу полоша отколку на 12 август 2020 година, кога банката отиде во стечај. За периодот од јуни 2019 до 12 август 2020 година, ние акционерите ја докапитилизиравме „Еуростандард банка“ со нови 11 милиони евра, а новиот Управен одбор предводен од Горан Трајковски беше целосно посветен на присилна наплата на одлеаните средства од банката, за што говорат и фактите дека од септември 2019 година до февруари 2020 година, беа присилно собрани повеќе од 15 милиони евра, што значително влијаеше на подобрувањето на севкупната состојба на „Еуростандард“. Народна банка на „Еуростандард банката“, откако го назначи новиот Управен одбор, и воведуваше драконски забрани за работа со правни и физички лица, рече Костовски на прес-конференцијата.
Една од констатациите во извештајот е дека Народната банка одбивала да го препознае и спречи постоењето на шемата во текот на периодот од 2004 година до денес и покрај тоа што имала сознанија за сите нејзини компоненти. Кога „Еуростандард банка“ се соочила со сериозни проблеми, НБРСМ формално го навела несоодветното управување со кредитното портфолио и поврзаните ризици како причина за лошата состојба на банката, но не пристапила кон справување со незаконската шема.
– НБРСМ постапила само по една последица од несоодветното управување со кредитното портфолио и поврзаните ризици: опаѓањето на стапката на адекватност на капиталот. Со оглед на фактот дека НБРСМ намерно не ги препознала вистинските корени на проблемот во ЕСБ и не ги применила сите потребни корективни мерки за елиминирање на тие корени нејзините интензивни напори да ја спаси ЕСБ биле залудни. НБРСМ требало да поведе стечајна постапка за ЕСБ уште во август 2019 година, кога стапката на адекватност на капиталот – според сопствените наоди на НБРСМ – веќе била негативна, но сепак тоа не го сторила. Очигледно, НБРСМ имала многу јасно разбирање за задолжителните одредби од Законот за банките во врска со нејзиното дискреционо право на поведување стечај, но таа чекала до 12 август 2020 година за да го поведе стечајот, се наведува меѓу другото во извештајот.
Со оглед на фактот дека во август 2019 година не била поведена стечајна постапка, се додава во извештајот, постојат сериозни сомневања во однос на тоа дали моментот на поведување стечајна постапка на 12 август 2020 година бил соодветно избран.
– И покрај исклучително сериозните проблеми со стапката на адекватност на капиталот, присилната наплата на долгови од страна на новиот Управен одбор во ЕСБ функционирала многу подобро пред, отколку што функционирала по стечајот, а прогнозите за континуирана ефикасност во таа област за втората половина на 2020 година исто така биле многу добри. Покрај тоа, постоела голема веројатност ЕСБ конечно да биде преземена од страна на стабилен инвеститор. Сепак, со оглед на тоа дека НБРСМ имала многу лошо искуство со претходните акционери на ЕСБ, лесно може да се сфати високото ниво на недоверба и речиси непријателскиот третман на потенцијалниот инвеститор од страна на гувернерот на НБРСМ при постапувањето со такви важни информации. Сепак, дозволувањето ЕСБ да продолжи да работи уште неколку месеци за да се види дали состојбата на банката навистина би се подобрила или не немало да им наштети на депонентите ниту пак да го загрози интегритетот на банкарскиот сектор на Македонија, оценува тимот експерти.