Во мигови кога трошоците за енергија ширум Европа вртоглаво растат, Русија уништува огромни количини природен гас, објавува британскиот јавен сервис „Би-Би-Си“.
Агенцијата пренесува изјави на експерти според кои руските власти во инсталацијата во близина на границата со Финска секојдневно согоруват гас во вредност од приближно десет милиони долари. Според нив, се работи за гас што требало да заврши на германскиот енергетски пазар.
Според анализата спроведена од „Ристад енерџи“, руските власти секојдневно спалуваат околу 4,34 милиони метри кубни гас.
Амбасадорот на Германија во Велика Британија за „Би-Би-Си“ изјавува дека Русија го уништува гасот затоа што не може да го продаде на друго место.
„Би-Би-Си“ посочува на загриженост кај научниците кои сметаат дека согорувањето создава големи количини јаглерод диоксид и саѓи, што може да придонесе за забрзување на топењето на мразот на Арктикот.
Граѓаните на Финска кои живеат на границата со Русија уште од почетокот на летото предупредуваа на големи пламени на хоризонтот што можат да се забележат во близина на новата инсталација за течен гас во Портоваја, северозападно од Санкт Петербург. Портоваја се наоѓа во близина на пумпната станица на самиот почеток на гасоводот „Северен поток 1“ преку кој се транспортира природен гас за Германија