Конгресот на Кинеската комунистичка партија ќе започне на 16 октомври, соопштија денеска кинеските државни медиуми.
Се очекува на состанокот кинескиот претседател Си Џинпинг да добие трет мандат како лидер на партијата, а со тоа и на Народна Република Кина.
Тоа ќе биде 20-ти конгрес од основањето на Кинеската Комунистичка партија во 1921 година. Можни се и промени во составот на Постојаниот комитет на партиското Политбиро, седумчленото тело што ја има власта во Кина, оттаму што некои од актулените членови на телото се на возраст предвидена за пензионирање.
Генералното собрание на Кинеската комунистичка партија го сочинуваат 2.300 делегати.
За време на претходниот конгрес во 2017 година, размислувањата и позициите на Си Џинпинг беа вклучени во документите на основачката партија. Неколку месеци подоцна Уставот на Кина беше променет со што му се овозможи на претседателот да ја извршува функцијата и повеќе од два мандати. Теоретски Си Џинпинг може доживотно да владее со Кина.