Трите месеци додека траеше попустот на цената на месечните билети за јавниот превоз во Германија повластицата ја искористиле 52 милиони патници, а емисијата јаглероден диоксид во амосферата е намалена за 1,8 милиони тони.

Повластената цена од девет евра за автобуски и трамвајски превоз, метро и локални железнички линии беше воведена со цел да се поттикнат граѓаните повеќе да го користат јавниот превоз поради инфлацијата.

Водечката германска организација за јавен превоз „VDV“ објави дека тоа резултирало со намалување за 1,8 милиони тони емисии на јаглерод диоксид изминатите три месеци.

Директорот на „VDV“ Оливер Волф изјави дека е јасно оти ниската цена на билетите за јавниот превоз има позитивен економски и еколошки ефект.

Истражувачите од Универзитетот во Потсдам откриле дека нивото на загаденост на воздухот се намалило за седум проценти. Во извештајот на Универзитет се нагласува дека тоа е показател колку се позитивни перформансите на јавниот превоз. Претходното истражување на Светскиот економски форум (СЕФ) покажа колку е економски важен јавниот транспорт и колку придонесува за заштита на животната средина.

Националната железничка компанија „Дојче Бан“ објави дека само тие продале 26 милиони билети и оти бројот возења е зголемен за десет отсто. Евелин Пала, член на Управата на компанијата, оцени дека експериментот со цена од девет евра бил „целосен успех“.

Месечниот билет за јавен превоз во Берлин обично чини 107 евра. Голем дел од Германците бараат продолжување на мерката за месечен билет по цена од девет евра што важеше за месеците јуни, јули и август.