Изгледаше како дејствие во една од епизодите на телевизиската шпионска серија „Биро“. Висок функционер на француското разузнавање познат како Анри М. е назначен на служба во Пекинг, каде што се заљубува во преведувачката на амбасадорот и почнува да пренесува доверливи информации на непријателот.
Набргу потоа, тој е вратен во Франција и во 2020 година беше осуден на осум години затвор за предавање информации на странска сила – иако го извршил злосторството две децении порано. Друг агент, познат како Пјер Мари Х., кој продолжи да шпионира за Кина до неговото апсење во 2017 година, на истото судење е осуден на 12 години затвор.
Острите казни за агентите и одлуката на Франција да ги истакне нивните активности со одржување на судењето ја одразуваат зголемената загриженост во Европа дека обемот на кинеските шпионски операции расте и дека тие претставуваат поголема закана од онаа на Русија.
-Кинеските разузнавачки оперативци се на исто ниво со Русите, изјави поранешен европски претставник на американската ЦИА.
„Врвните операции на Кина сега се на исто ниво со првите операции на Русија“, потврди еден западен разузнавач. Некои од нив се „исклучителни… во однос на трпението“, вели друг.
Кина е веќе позната по напредните кибер напади, како што е хакирањето на Мајкрософт во 2021 година, што компромитираше 30.000 организации на глобално ниво, и за кој САД, ЕУ и Велика Британија потврдија дека бил извршен од криминални групи кои работеле за Пекинг. Кина ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „неосновани и неодговорни“.
Кинеските разузнавачки активности достигнаа ниво на софистицираност што вобичаено се поврзуваат со руската шпионажа, изјавија осум сегашни и поранешни западни разузнавачи, што дополнително ја зголеми загриженоста на Западот.
-Русите се занимаваат со шпионажа уште од времето на царот (пред Советскиот Сојуз), едноставно уживаат во тоа, вели Алекс Јангер, поранешен шеф на МИ6, британската разузнавачка служба. „Традиционално Кинезите се послаби во човечките шпионски активности, но тие брзо учат“, додаде тој.
Подемот на тајните активности на кинеската владејачка Комунистичка партија, според Кен МекКалум, шеф на британска контраразузнавачка служба МИ5, и Кристофер Вреј, директор на ФБИ, е предизвик што ги „менува правилата на игра“.
-Не сме во паника без причина, кажа МекКалум на заедничката конференција со Вреј во јули во Лондон. Неговото предупредување треба да се сфати сериозно со оглед на тоа што беше истакнато во моментот на рускиот напад врз Украина, најголемата безбедносна закана во Европа во последната генерација.
Бидејќи кинеските техники за шпионажа во голема мера се разликуваат од руските, западните агенции мора да го променат својот пристап кон контраразузнавачките активности.
Кристина Ли, британска адвокатка, годинава беше издвоена од МИ5 откако презеде невообичаен чекор и јавно предупреди дека е „агент од влијание“ за Кина, иако нејзините наводни про-кинески престапи не беа од криминална природа.
-Кинеската шпионажа не е ни варијанта на рускиот пристап, рече друг разузнавач. „Самата дефиниција на кинески агент може да биде тешка“.
Официјални лица велат дека за руските операции во странство сè уште традиционално се вработуваат елитни агенти, обучени за шпионски техники, како што се шифрирани комуникации, за да постигнат одредена безбедносна цел. Меѓутоа, Кина има пошироки цели кои се движат од политичко влијание до стекнување трговски или технолошки тајни.
Разликата во стиловите на шпионажа на Кина и Русија е претставена со изрека во која разузнавачките цели се претставени како зрна песок. Додека Русите ќе испливаат со подморница ноќе и ќе испратат мала група на плажата за да донесат кофа со песок, Кинезите ќе испратат илјадници капачи среде бел ден за да донесат поголемо количество или по едно зрно песок.
-Руската шпионажа има тенденција да биде тесно фокусирана, додека Кина го користи ’целиот општествен пристап’ “, рече еден разузнавач. Кинескиот закон за разузнавање од 2017 година бара „сите организации и граѓани да ги поддржуваат, помагаат и соработуваат со напорите на националното разузнавање“.
Руската шпионажа, исто така, има тенденција да биде исклучително ризична, дури и „насилна“, рече четвртиот официјален претставник, наведувајќи го како пример труењето на рускиот двоен агент Сергеј Скрипал во Англија во 2018 година.
-Русите можат да бидат несмасни, прилично арогантни и понекогаш изгледаат како да имаат менталитет „фати ме ако можеш“, додека Кинезите попрво би избегнале секаков вид шпионски скандал затоа што сакаат да зачуваат добри билатерални односи, додаде поранешниот агент на ЦИА.
Резултатот, според Николас Ефтимиадес, експерт за Кина и поранешен функционер на ЦИА, е „нова парадигма за тоа како се спроведуваат разузнавачките активности“. Таквата тактика може да доведе до некоординирана шпионажа, велат западните официјални лица, при што повеќе кинески агенти понекогаш се приближуваат до истата цел. Сепак, тоа често пати е ефикасно. Според една американска проценка, кинеската шпионажа секоја година краде американска интелектуална сопственост вредна 600 милијарди долари. Кина ги отфрла овие наводи. ЕУ проценува дека вкупната кражба на интелектуална сопственост секоја година ја чини 50 милијарди евра и резултира со губење на 671.000 работни места. Дополнителен предизвик, според официјалните лица, е да се идентификува точно кој е кинески шпион, а притоа да не се користи расното профилирање на потенцијалните осомничени. Повторно, разликата во однос на Русија е фрапантна. Европските престолнини протераа над 600 руски дипломати и наводни шпиони откако Москва годинава ја почна својата инвазија врз Украина. Мешутоа, „слична ситуација со Пекинг би била многу потешка“, велат официјалните лица, бидејќи односот меѓу кинеската држава и нејзините актери може да биде слаб и течен. Некои претставници на контраразузнавањето, исто така, веруваат дека аналогијата „зрнца песок“ може да биде погрешна бидејќи ги прикрива поновите, пософистицирани активности на Кина. Без оглед на пристапот, западните агенции се борат да се справат со големиот обем на случаи. ФБИ соопшти дека отвора нова истрага за кинеската шпионажа на секои 12 часа, бидејќи обемот на случаи на МИ5 се зголеми седум пати во 2018 година. Вреј, шефот на ФБИ, рече: „Степенот на напорите на Кина го одзема здивот“. Фајненшл Тајмс