Во дебатата за реформата на ЕУ свое место има и Европската политичка заедница во која треба да учествуваат сите земји од европскиот континент. Првата средба за оваа заедница е закажана за 6 и 7 октомври во Прага.
Европската комисија (ЕК) не смее да остане само набљудувач или технички секретаријат на идната реформа на ЕУ и таа мора да се изјасни и активно да ја поддржи реформата на европските повелби. Повикот стаса од повеќе политички групи во Европскиот парламент (ЕП). ЕК и ЕП секогаш биле и треба да останат партнери во напредокот на европската демократија, изјави Шпанецот Доменек Руиз Девеса од групата на социјалистите. Тој од ЕК очекува да ги примени препораките на Конференцијата за иднината на Европа. Таа се одржа од мај 2021 година до мај 2022 година и во неа учествуваа повеќе категории граѓани кои се согласија околу 400 препораки што им беа испратени на европските институции. Данута Хубнер од групата на демохристијаните исто така се заложи за ревизија на европските повелби и ја повика ЕК да не остане неутрална туку да преземе одговорност и да го деблокира процесот на реформа. Од групата на либералите „Обнови ја Европа„ побараа да се креира перманентен механизам на консултација со граѓаните на регионално и национално ниво. Хрватската комесарка Дубравка Шуица, задолжена за ресорот демократија и демографија, потсети дека претседателката на ЕП Урсула фон дер Лејен е на страната на тие што сакаат подобро функционирање на ЕУ. На 14 септември во Стразбург, фон дер Лејен ќе го одржи својот редовен говор за состојбата на ЕУ и се очекува да зборува за препораките на Конференцијата за иднината на Европа и иднината на тој едногодишен процес.
Во јуни 2022 година ЕП, со 355 гласа „за„, побара од Советот на ЕУ да заземе став за реформа на функционирањето на ЕУ и во моментов Парламентот подготвува детален извештај за промените што европските повелби треба да ги претрпат. ЕП очекува земјите членки преку Советот на ЕУ да свикаат Конвенција чија задача ќе биде токму реформата на ЕУ.
Во дебатата за реформата на ЕУ свое место има и иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за креирање на Европска политичка заедница во која треба да учествуваат сите земји од европскиот континент. Оваа иницијатива ја доби поддршката од германскиот канцелар Олаф Шолц. Првиот состанок на оваа заедница ќе се одржи на 6 и 7 октомври во Прага под чешко претседателство. Сите засегнати земји, помеѓу кои и Северна Македонија, се поканети на оваа сесија а засега се уште не е потврдено учеството на Турција. Во своето обраќање на годишната септемвриска конференција на француски амбасадори и дипломати, Макрон го поздрави повикот на германскиот канцелар Шолц, од 1 септември во Прага, за укинување на едногласноста во одлучувачкиот процес на ЕУ. Шефот на француската држава смета дека визијата на Шолц е на истата линија како и неговата а тоа е зајакнување на европскиот суверенитет и Европа независна од САД или Кина.