Јужна Кореја ќе го олесни увозот на свинско и пилешко месо од ЕУ по преговори со Европската Комисија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Комисија порача дека благодарение на нејзиниот придонес е отстранета трговска бариера со Јужна Кореја која ги погодуваше специфично свинското и пилешкото месо. Корејското Министерство за земјоделство одлучи да ја укине оваа пречка за земјите од ЕУ. Оваа трговска бариера во Јужна Кореа постои за да се заштити националниот пазар од потенцијално опасно свинско или пилешко месо од другите азиски земји каде има свински и птичји грип.

Од денеска оваа пречка се укинува за земјите-членки на ЕУ, информираа од Европската Комисија. Оттаму додаваат дека ова би можело да значи деблокирање на повеќе од една милијарда евра во трговија меѓу двете страни во наредните години.

Земјите-членки засегнати со укинувањето на бариерите се Германија, Полска, Унгарија, Белгија, Франција, Шпанија, Финска, Холандија, Шведска, Данска, Словачка, Австрија, Ирска, Португалија и Литванија.

Европската Комисија го поздрави потегот на Јужна Кореја нарекувајќи го доказ за довербата во системот за надзор на ЕУ.