Врховниот суд на Кенија денеска ја потврди победата на Вилијам Руто на минатомесечните претседателски избори.

Руто, кој сега е потпретседател, на изборите на 9 август извојува тесна победа во трката со поранешниот премиер Раила Одинга. Сепак, опозицискиот кандидат тврди дека изгубил поради измама.

Изборите минаа мирно, но во последен момент имаше драматичен исход, со поделени мислења на изборната комисија и разменети обвинувања.

На претходните претседателски избори во Кенија во 2017 година, Врховниот суд ги поништи резултатите откако Раила Одинга ги оспори. Потоа го бојкотираше прегласувањето.

Овојпат Раила Одинга беше поддржан од неговиот историски ривал – актуелниот претседател Ухуру Кенијата, кому не му беше дозволено да се кандидира за трет последователен мандат.

– Одлуката е едногласна. Приговорот беше отфрлен и како резултат на тоа го прогласуваме Вилијам Руто за новоизбран претседател, изјави претседателката на Врховниот суд Марта Куме.

Според Уставот, Руто треба да положи заклетва на 13 септември. 55-годишниот политичар ќе стане петтиот претседател на Кенија од независноста на поранешната британска колонија во 1963 година.