Поранешниот шеф на француската држава Франсоа Оланд и неговиот тогашен министер за внатрешни работи, Бернар Казнев, ќе сведочат на 10 октомври на судењето за терористичкиот напад во Ница во 2016 година, соопшти претседателот на судот, јави дописникот на МИА. Франсоа Оланд и Бернар Казнев, се повикани како сведоци од адвокат од оштетената страна, а двајцата треба да сведочат на 10 октомври.
Утрото на 10 октомври, судот ќе го сослуша Франсоа Молинс, јавен обвинител во Касациониот суд, еден од највисоките судски функционери во Франција, исто така наведен како сведок од адвокат на оштетената страна.
Франсоа Оланд, Бернар Казнев и Франсоа Молинс веќе сведочеа на специјалниот суд за време на судењето за нападите на 13 ноември 2015. Поранешниот претседател особено ја бранеше „заложбата на Франција во борбата против исламистичкиот тероризам, во Мали, Ирак и Сирија“, особено против организацијата Исламска држава (ИД).
ИД ја презеде одговорноста за нападот во Ница, „опортунистичко“ тврдење според истражителите. Не е пронајдена директна врска меѓу Мохамед Лахуаиј-Бухлел, возачот на камионот што ја покоси толпата собрана на шеталиштето на Англичаните вечерта на 14 јули 2016 година, предизвикувајќи смрт на 86 лица, и џихадистичката група.
„Дури и да се плашевме од нив, не бевме подготвени за напади од таква големина“, сведочеше Франсоа Молинс, обвинител во Париз во моментот на нападот.
Градоначалникот на Ница, Кристијан Естрози, како и тој што беше на оваа фунцкија за време на нападот, Филип Прадал, ќе бидат сослушани на 20 октомври, рече Лоран Равиот. Двете рочишта досега не беа планирани. Двајцата политичари ќе бидат сослушани под дискреционо овластување на претседателот на Специјалниот универзален суд и затоа нема да мора да дадат заклетва.