Настанот кој ја потресе нацијата, кога во август во Неготино 46-годишната Љ.Г. беше крвнички претепана од својот поранешен партнер П.Н. (51), по што со тешки телесни повреди и во кома, по неколку дена почина на скопските клиники, доби судска пресуда. Како што информира Основен Суд Кавадарци, на сторителот на делото, вчера му била изречена казна затвор во траење од 15 години.
Основен суд Кавадарци известува дека на ден 22.11.2022 година по одржаната главна и усна расправа обвинетиот П.Н. од Неготино за кривично дело Тешка телесна повреда по чл. 131 ст. 4 вв ст. 2 вв ст. 1 вв чл.12 ст. 2 од КЗ, а по дадено признание за вина, огласен е за ВИНОВЕН за настанот којшто се случи на 02.08.2022 година во Неготино, кадешто извршил семејно насилство во кое оштетената Љ.Г. од здобиените тешки телесни повреди почина на 06.08.2022 година, со тоа што од страна на судечкиот судија му е изречена казна затвор во траење од 15 години, којашто да биде извршена по правосилноста на пресудата- објавија од ОС Кавадарци.