Народната банка (НБ) за задоволување на потребите и ограничувањата на различните групи население користи различни дигитални алатки и канали за финансиска едукација, при што е евидентна примената на едукативните видеоматеријали, се истакнува во анализата посветена на Дигитализацијата на финансиите на потрошувачите и финансиското образование во Југоисточна Европа (ЈИЕ) од Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој (ИНФЕ-ОЕЦД).

Како што информираат од НБ, станува збор за изработени и објавени девет анимирани едукативни видеозаписи од серијалот „Со Народната банка во светот на финансиите“.

– Bидеозаписите се достапни на интернет-страницата на Народната банка, социјалните медиуми и каналите на Јутјуб, како и на традиционалните канали, односно националната телевизијата, со цел да се опфати пошироката јавност, велат од НБ.

Од таму нагласуваат дека во публикацијата на ИНФЕ-ОЕЦД е истакнато одржувањето онлајн едукативни квизови коишто се организирани за учениците од средното образование, натпреварите коишто се организирани околу онлајн играта „Заработете и заштедете“ за учениците од основното образование и предавањата наменети за различни целни групи и организирани преку различни алатки за видеоконференции, со цел да се задоволат потребите на учесниците.

– Заложбите на Народната банка за преземање активности за натамошното унапредување на финансиската писменост и финансиската инклузија ќе продолжат и во иднина, порачуваат од НБ.

Во анализата на ИНФЕ-ОЕЦД, меѓу другото, се истакнува дека нивото на дигиталната финансиска инклузија во земјите од Југоисточна Европа во последните години бележи зголемување, но во просек сè уште е на пониско ниво во споредба со земјите на ОЕЦД. Истовремено, e забележана зголемена употреба на дигиталните канали за спроведување на финансиската едукација во регионот на ЈИЕ, што овозможува поголем опфат на населението и олеснет начин на споделување на материјалите за финансиска едукација.