И после две и пол години од затворањето на Еуростандард банка сеуште не се знае официјално кој сé учествувал во организираниот криминал со којшто се украдоа десетици милиони евра од депозитите во банката, а уште помалку се знае дали некој ќе одговара. Обвинителството покрена истрага против четворица раководни лица во банката пред речиси две години, но одлука сеуште нема. Еден од тие осомничени лица е и Трифун Костовски, мнозински сопственик и долгогодишен претседател на надзорниот одбор на банката, кој вршел надзор над работењето во банката и одобрувал ѝ неповратни кредити во милионски суми на некредитоспособни фирми. Тој дури и јавно призна дека свесно сторил кривично дело. Но, по се изгледа ниту тоа е доволен податок за обвинителството да го провери делото и да донесе обвинение. Поминаа и законските рокови за изјаснување на обвинителството од истрагата за организираниот криминал во Еуростандард банка. И покрај многубројните докази за масовниот грабеж на депозити во Еуростандард банка како и јавното признание за сторено кривично дело од Трифун Костовски, обвинителството и понатаму молчи. Зошто?

Од тоа што е познато, меѓу другото, раководните одговорни лица кои се осомничени за организираниот криминал во Еуростандард банка се потписници на одлуките и налозите со кои масовно се одобрувале кредити кои не можат да се наплатат, што директно придонело за пропаѓање и затворање на банката. Така и почнал криминалот. Парите од депозитите исчезнале со потписи на раководните лица во банката. Никој друг освен нив не можел да одобрува кредити од Еуростандард банка кои не може да се наплатат. А освен одобрувањето на неповратни кредити, преку Еуростандард банка се переле пари и други приноси од казниво дело во милионски суми во евра преку трансакции со нерезидентни клиенти од Венецуела. И за тоа надлежните институции упорно молчат.

Дали има некој во оваа држава што може да даде одговор на прашањето зошто обвинителството молчи за организираниот криминал во Еуростандард банка? Од кога тоа за грабеж на депозити во банка не се одговара? Дали е молкот поради тоа што се работи за голем организиран криминал? Дали криминалот може да се прости поради можен заштитнички статус на осомничените лица од државата или поради можни блиски релации на осомничените лица со оние кои треба да го казнат организираниот криминал?

И конечно, дали се Трифун Костовски и неговиот поранешен тим на раководни лица во Еуростандард банка заштитени и недопирливи во оваа држава? Дали таа заштита и недопирливост кон осомничените лица се можеби и поради можно соучество на некои познати политичари, банкари и сопственици на фирми во грабежот на Еуростандард банка поради што се игнорира и молчи од надлежните институции?