Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот продолжува со промотивните активности за нашата дестинација со учество на интернационалната саемска туристичка манифестација „Fitur 2023”, која се одржува во Мадрид, Шпанија од 18-ти до 22 јануари. „Fitur“, оваа година е подготвен да биде еден од најсеопфатните туристички настани во кои одржливоста и технологијата повторно ќе бидат во првите редови, заедно со новите концепти и трендови во туризмот, информираат денеска од Агенцијата.
Оттаму додаваат дека Мадрид е центар на Светската туристичка организација и очекувањата на македонскиот туристички сектор се подобро авионско поврзување со Шпанија, кое треба да ефектуира со резултати приближни или подобри од 2019 година.
-Македонскиот штанд ги отсликува туристичките атракции на дестинацијата, со акцент на активниот, културниот, руралниот и ено-гастро туризмот. На штандот на Македонија има и претставници од приватниот сектор, односно тур операторите „Touring Macedonia”, “MacSun” и „Time to travel”. Дополнително повеќе од 15 македонски туроператори се дел од саемот за туризам во Мадрид, што овозможува уште поголем фокус на шпанскиот, португалскиот и латиноамериканскиот пазар, се вели во денешното соопштение од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Ова година на интернационалната саемска туристичка манифестација „Fitur 2023” учествуваат 8.360 компании од 150 земји/региони, 82 000 туристички работници/професионалци и 30 000 посетители од општата јавност. „Fitur“ претставува водечки саем за туризам кој поврзува повеќе континенти и преку кој постои можност за вмрежување помеѓу македонскиот и не само шпанскиот туку и европскиот и светскиот приватен сектор.