Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ се зголемуваат за половина денар по литар, а цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менува, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,47 отсто.

Така ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава за 83 денари за литар, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 84, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 83,5, додека ЕУРОСУПЕР БС - 98 и понатаму ќе чини 85 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,228 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 41,042 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 1,23 отсто, кај дизелот за 0,888, кај екстра лесното масло за 0,799 и кај мазутот за 0,848 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,102 отсто.