Инвестициите, иновациите, технолошкиот развој, енергетиката и туризмот, беа само дел од темите на денешната 6. седница на Мешовитата комисија за економска соработка помеѓу Македонија и Република Турција со која претседаваа министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за млади и спорт на Република Турција Мехмет Муарем Касапоглу.
Како што соопштија Бектеши и Касапоглу на заедничката прес-конференција по завршувањето на седницата, во рамки на Мешовитата комисија се потпишани Протокол за натамошно зајакнување на односите меѓу двете земји во повеќе сфери, како и Меморандум за разбирање со македонската Агенција за млади и спорт, како и со Агенцијата за поддршка на претприемништвото.
Двете страни ги интензивираат и чекорите за ажурирање на Договорот за слободна трговија.
-Во континуитет, според бројките, соработката се продлабочува и најверојатно така ќе продолжи. Турција е еден од најголемите инвеститори во земјава и убеден сум дека така ќе биде и понатаму, но нашата цел е да се подобрат договорите за слободна трговија. Во делот на индустријата има речиси целосно осолободување и очекуваме за кратко време да се зголеми соработката и во делот на земјоделството што е барање на бизнис секторот од двете страни - за нашите земјоделци да имаат поголем пазар, а и за да се зголеми конкурнентоста, пред се на суровините кои би дошле во земјава од Турција, истакна Бектеши.
Тој, како што рече, очекува соработка и во енергетиката.
-Има голем интерес од турски компании да инвестираат во обновливи извори. Ќе разговараме за снабдување со природен гас за да се диверзифицираат изборите на снабдување и да ја зголемиме независноста во делот на енергетиката, а тоа може да се прошири и на Косово, како и во Јужна Србија и генерално во Западен Балкан, подвлече Бектеши.
Според министерот Касапоглу, има интерес од страна на турски инвестиции за вложувања во обновливи извори на енергија во Македонија.
- Македонија ја сметаме за значаен партнер во инвестициите. Турските инвестиции во Македонија досега надминаа 1,2 милијарда долари. Но, имаме нови чекори тука, посебно во обновливите извори на енергија. Подготвени сме и ние, но и Македонија, рече турскиот министер.
Според него, енергетиката, индустријата, културата, туризмот и трговијата биле опфатени на денешната средба која дала нов инпут во соработката.
Како што посочи Касапоглу, лани трговската размена меѓу двете земји достигнала близу една милијарда долари, а Турција реализирала извоз од 700 милиони долари во Македонија.
По седницата на Мешовитата комисија, во текот на денот, како што беше најавено на прес-конференцијата, предвидени се турско-македонски деловни средби со бизнисмени и инвеститори.