Претставници од Народната банка во рамки на билатералниот скрининг за вториот кластер „Внатрешен пазар“ имале свои излагања во однос на слободното движење на капитал и платните системи.
Во подрачјето „Слободно движење на капиталот и плаќања“ била образложена примената на законската регулатива за одделните капитални трансакции коишто се во надлежност на Народната банка, како што се кредитните и депозитните работи, плаќањата и трансферите врз основа на тековни и капитални трансакции, како и за посебните заштитни мерки уредени во Законот за девизното работење. Акцент бил ставен и на идните активности во однос на приспособувањето на регулативата од областа на девизното работење со новиот Закон за платежни услуги и платни системи.
Во подрачјето „Платни системи“ бил презентиран напредокот во доменот на подзаконските акти коишто произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи, а коишто Советот на Народната банка ги усвои кон крајот на 2022 година и почетокот на 2023 година.
- Во овој контекст беше нагласено дека правната рамка на Република Македонија којашто ги регулира платежните услуги и платните системи во значителен дел е усогласена со правото на Европската Унија од оваа област, информираат денеска од Народната банка.
Во подрачјето „Спречување перење пари и финансирање тероризам“ биле презентирани активностите и мерките што тековно ги спроведува Народната банка во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам кај субјектите над коишто врши надзор, како и усогласеноста со европското законодавство и идните активности коишто треба да се преземат во текот на 2023 и 2024 година.