– Нови 10 милиони евра пари од ЕУ ќе има на располагање државата за почиста животна средина, а повеќе од половина ќе бидат наменети за намалување на загадувањето на воздухот, најави министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова од Тетово, одговарајќи на новинарско прашање дали во пресрет на зимата ќе има конкретни мерки за аерозагадувањето.

Новиот проект опфаќа четири општини во државата односно Скопје, Битола, Куманово и Тетово, каде јавни објекти ќе добијат пари за промена на системите за затоплување.

- Од 10 милиони, нешто малку повеќе од половина 5,3 или 4 милиони евра се предвидени за замена на нееколошките системи за затоплување во јавните објекти. Министерството долго време ги мапира јавните објекти, а тоа го прават и невладините организации, во комуникација со нив и ги повикуваме сите информации што ги имаат да ни ги достават. Сè уште има доста јавни објекти во државата, дали се државни или општини не правам разлика, повеќе се општински, зборуваме и за градинки, за училишта, и за културни домови, здравствени институции, години наназад веќе инвестираме пари заменети се многу системи. Ова ќе биде еден од проектите којшто во наредниве две години ќе треба да помогне во овие четири општини, истакна министерката за животна средина и просторно планирање.

Таа им порача на општинските власти да продолжат со сопствени програми за замена на системите за затоплување кај домаќинствата.

- Ги охрабрувам општините има дел од нив коишто имаат планирано во програмите за 2023 и 2024 година, да работат на замена на системите на нееколошките системи односно помош за граѓаните, за купување на инвертер клими. Оваа година 2023 немавме во Министерството таква мерка. Тоа е мерка којашто во принцип повеќе ја спроведуваат општините. Државата веќе еднаш работеше на тоа. Ние одиме сега повеќе со објектите од јавен интерес коишто се, и на државно и на општинско ниво, истакна Шукова.

Министерката беше во тетовско Туденце каде почна проектот за санација и регулација на коритото на горниот тек на река Вардар во Општина Јегуновце.