На свечената академија, Општина Велес синоќа на сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ традиционално ги додели Деветономевриските награди и признанија на граѓани кои достојно го промовирале Велес.
Најпрестижната награда за животно дело „Гемиџии“ за 2023 година, годинава и припадна на проф. Д-р Елка Јачева Улчар, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, велешанка која живее и работи во Скопје. Наградата ја доби за непроценлив придонес во науката, афирмација на македонскиот јазик, на Велес и Македонија во земјата и во светот.
За вековен придонес во развојот на економијата во Велес, Спомен-плакета 9 Ноември за 2023 година доби Прехрамбената индустрија „Кристал 1923“. Спомен плакета му беше врачена и на вишиот кустос – историчар Марин Клифов за посебен придонес во зачувување на историските настани од Велес и велешко. Деветоноемвриска Спомен плакета отиде и во рацете на машинскиот инженер Никола Тодоровски, извршен директор на Јоопоне, за посебен придонес во иновациите и производството на медицински помагала за лица со попреченост.
Благодарница 9 Ноември за 2023 година добија Игор Мицевски-Скакар, активен борач и тренер на Борачки клуб Борец, Клементина Војдиновска, тренер на Карате Федерација на Македонија, интернационалниот тениски судија Јован Јовановски, за придонес и развој на спортот во Велес. За хуманитарниот влог во локалната заедница и посебен придонес во промовирање на велешкиот бренд „Пита пастрмајлија“, благодарница доби Фурна Гемиџии. Благодарници добија и припадниците на територијалната противпожарна единица Велес за нивниот професионален и хуман ангажман во хуманитарната спасувачка мисија за земјотресот во Република Турција, Димче Јованов, Кире Диковски, Александар Јолдашев, Рамадан Адилов, и Роберто Шакиров. За учество во хуманитарната мисија во Турција благодарници добија и припадниците на Армискиот тим за заштита и спасување Александар Игевски, Ѓоре Андовски, Сашко Иванов и Бобан Арсеновски. За афирмација на градот преку врвни меѓународни достигнувања во областа на музиката, деветономевриска Благодарница доби и м-р Трајче Малинов.
Наградата Најстудент „Професор д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“, годинава ја доби Бојана Кацарова, студентка на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип
Велес вчера одбележа и славеше 79 години слобода. На 9 ноември во далечната 1944 година, велешките борци, чии имиња се длабоко врежани во колективната меморија на велешани, го покорија непријателот и ја извојуваа долго посакуваната слобода. Нивниот аманет и денес нè потсетува на нивниот непокор и жртва пред кои длабоко се поклонуваме, потсети од свечената говорница градоначалникот Марко Колев. Тој заедно со делегација на борци и претставници од општината и други институции положија букети цвеќе на Спомен костурницата од НОВ каде почиваат 100-тина борци од Велес и велешко загинати во текот на НОВ.
- Ѕидовите околу нас, улиците по кои чекориме, проткајани се со крвта на хероите која одекнува со аманетот кој ни го оставија – слободен Велес кој живее со нас, за нас и од нас, истакна Колев.
Во чест на наградените концерт одржа Камерниот оркестар на Битола.