Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип денеска го одбележа Светскиот ден на науката. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски истакна дека по тој повод се доделени и признанија на најдобрите научници на овој универзитет и кои имаат достигнувања на полето на науката во текот на изминатата година. Забележа дека штипскиот Универзитет може да се гордее со научните достигнувања на своите професори.
-Нивната напорна работа резултираше со голем број на трудови во меѓународни списанија и не става нас како мал Универзитет, како еден важен дел од вкупната научна продукција од многу поголеми земји и кои имаат многу поголеми ресурси и кои многу повеќе вложуваат во науката. Ова е еден нов чекор на Универзитетот кој искажа дека многу повеќе ќе посвети внимание на активности поврзани и со научното истражување, вели Мираковски.
Посочи дека науката бара многу време и ресурси и лична, индивидуална жртва од самиот научник. Но, какошто вели како држава немаме соодветно на ресурси и на финансирање.
-Но, ако го споредиме тоа што го имаме со научната продукција кај нас, сепак сметам дека сме солидни. Нашата продукција годишно на ниво на Македонија се 700 трудови во такви списанија, од коишто ние сме некаде околу 10 % вкупно како Универзитет, вели Мираковски.
Научникот Рубин Гулабоски истакна дека Универзитетот „Гоце Делчев“ во изминатите 15 години се етаблираше на второто место на државно ниво и токму поради ова какошто вели треба да се запрашаме кој е потенцијалот и која е причината за таквиот успех. Посочи дека на овој Универзитет има научници, коишто публикувале во најпознатите научни спијанија на светот.
-Тоа знаете што значи во науката, исто како во тенисот да ги имаш Федерер и Џоковиќ да ти играат за ист тениски клуб е тоа е на тоа ниво. На Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип има научници, коишто работат, работели и соработувале со Нобеловци. На Универзитетот „Гоце Делчев“ има публикувано труд, материјал со којшто се испитува староста на универзумот. Тоа е рудникот Алшар и минералот Лорандит и во такви едни сурови услови во присусутво на хазардни материјали најдени се бактерии и типизирани се за првпат. Тоа значи дека имаме наука којашто во исто време ни кажува, како настанал универзумот и како настанал животот на платенава земја, кажа Гулабоски.
Забележа дека на овој Универзитет има и група на научници коишто од 2010 до 2016 година публикувале серија на научни трудови, во коишто покажаа како може да дојде до природна модификација на главниот механизам, којшто ни обезбедува енергија во човечкото тело, а тоа е механизам којшто во 1979 година Питер Мичел добил Нобелова награда. Гулабоски кој неколку години е меѓу топ два проценти највлијателните научници во светот според Стенфорд листата, државата годишно издвојува само еден милион евра за сите универзитети, па поради тоа голем дел од младите и амбициозни научници својата „среќа“ ја бараат во странските фондации.
-Може еден научник максимално за поддршка да добие 1000 до 2000евра. Е сега ако ви кажам дека во списанијата кои се со плаќање публликувањето на еден труд чини повеќе од 2.000евра, тогаш може да замислите, колкава е таа поддршка, вели Гулабоски.
Тој посочи дека финансиската помош од државата се темели само на средствата кои Универзитетите ги добиваат за подмирување на платите на професорите кои се занимаваат со научна дејност.