Унгарската култура и творештво денес беа претставени во Крива Паланка со неколку настани интегрирани во презентацијата на здружението на Унгарците „Теледом“ одржана во Национална установа Центар за култура, Крива Паланка.
Ликовната изложба со дела работени во различни техники, создадени од ликовни уметници-аматери, дел од унгарската заедница и здружението „Теледом“, поставена во галерискиот простор на кривопаланечкиот центар за култура, официјално беше отворена од страна на Ержебет Стаменковска.
Пред присутните говореше претседателот на „Теледом“, Јожеф Шутуш.
- Ние сме малубројна заедница во земјава, но функционираме како огромно семејство. Се почитуваме и поддржуваме, стремејќи секогаш да направиме нешто вредно за себе и целото општество. Целта на нашето појавување денес е токму тоа, како и во периодот на цела година, да се претставиме пред граѓаните низ државата. До сега поминавме десетина локални самоуправи, голем број луѓе не ни знаеја дека постои унгарска заедница, па, сакаме директно од нас да слушнете што можеме да понудиме во општеството и сите да може да оствариме соработка во иднина за да сториме заедно нешто добро. Имаме став и со таа порака настапуваме: не бараме никакви посебни привилегии и права, само бараме исти можности со сите граѓани, а со нашите квалитети да бидеме примерни граѓани, лојални на општеството и луѓето да не прифатат како вредни и еднакви на сите. Со овој настан сакам да ја запознаете нашата душа, да ја запознаете нашата вредност, рече Шутуш.
На настанот беа промовирани и три книги што се однесуваат на Унгарците во Северна Македонија, а се реализираше и филмска проекција на документарен филм работен од страна на Македонската радио-телевизија и се однесува на демонстрацијата на македонско-унгарското вековно пријателство.
Здружението на Унгарците во земјава „Теледом“ постои повеќе од две децении.
На крајот од настанот, за присутните беше послужен познатиот унгарски специјалитет, гулаш, приготвен на самото место од врвни готвачи, по оригинален рецепт од Унгарија.