- Во Битола почнува првото меѓународно графичко биенале на минијатурни графики и цртежи Битола 2023, на кое ќе бидат изложени над 700 дела работени во сите графички техники.

На првото издание учествуваат 400 автори од 80 држави во светот, истакна Лили Бошевска, директорка на Културен информативен центар-Битола.

-За оваа голема ликовна светска манифестација и за нејзиното понатамошно презентирање, интерес потврдија неколку ликовни центри, сакајќи да ја претставуват, популаризираат, афирмираат оваа уметност и во нивните средини. Големиот одѕив и бројот на присутните дела, ја позиционираат оваа ликовна, меѓународна манифестација во високо рангиран контекст. За обележување е и специјалното присуство, односно одбраните колекции на 50 автори од Народна Република Кина, кои настапуваат како специфичен и авторски, кинески павилјон, а битолчани ќе може да ја видат и колекцијата на шеесетина автори од Италија, во избор ина истакнатата италијанска графичарка Валерија Бертесина, посочи Бошевска.

На првото меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи кое свечено ќе биде отворено вечер во битолскиот Офицерски дом, застапени се автори од Мексико, Бразил, Аргентина, Полска и од други држави.

Автор и носител на проектот е ликовниот уметник и кустос Владо Ѓорески.