- Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ-ОА денеска донираше два монитори за интензивна нега за следење на пациентите за детското одделение на Струмичката болница.

Донацијата, која е обезбедена од собраните средства од хуманитарната изложба „Фотографски записи од еден монах“ од Отец Гаврил, ја врачи Отец Константин од Струмичката епархија.

Според Катерина Давчева од Фондацијата „Елеуса“, станува збор за донација во вредност од 160 илјади денари.

- Се надевам дека денешната донација е само почеток на една наша заедничка понатамошна соработка, бидејќи здравствениот сектор е предизвик за сите. Секој од нас треба да помогне колку што може, да се надополниме на нивната стручност, на нивната професионалност, на нивната посветеност кога станува збор за спасување животи, особено на детски животи, изјави Давчева.

Директорката на ЈЗУ „Општа болница Струмица“, д-р Катерина Кузмановска се заблагодари на донацијата.

- Со овие монитори може да ги следиме виталните функции кај нашите најмали пациенти, како што е срцевата акција, дишењето и притисокот и со тоа се олеснува следењето на состојбата на овие пациенти и навремено пристапување кон терапија, рече Кузмановска.

Со двата монитори, кои се мобилни, може да се врши и транспорт на пациентите без потреба од електрично напојување.