- Штип по вторпат ќе биде домаќин на натпреварот од „Првата лего лига“, што ќе се одржи во месец март идната година, во регионалното електро-машинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“. Денеска се одржа првиот координативен состанок со што и официјално е отворена сезоната 2023/2024 година.

Гордан Анастасов од Академијата за роботика и иновации „Прва лего лига“ вели дека натпреварот за едукативна роботика ги инспирира младите умови и ги поттикнува кон креирање на иновации од областа на роботиката и инженерството, а со употреба на технологијата. Интересот за натпреварот од година во година е сѐ поголем.

-Продолжуваме со традицијата – да расте ФЛЛ семејството или ФЛЛ учењето во нашата држава. Оваа година имаме и рекорден број тимови, значи имаме 12 тима во „ФЛЛ Експлорер“ и 12 тима во „ФЛЛ Челинџ“, што претставува еден национален рекорд. Ми претставува големо задоволство што имаме сѐ повеќе учесници од формалното образование, како и училиштето „Коле Нехтенин“, кое денеска е домаќин на отворањето на овогодишната сезона, вели Анастасов.

Оваа година темата на натпреварот е создавање „Ремек дело“ преку изнаоѓање уникатни решенија за предизвиците во реалниот живот и подобра комуникација низ целиот свет. Во меѓународната мултидисциплинарна истражувачка програма учествуваат над 600.000 деца и млади од целиот свет, а во Штип ќе се организира во соработка со Средното училиште „Коле Нехтенин“ и со Универзитетот „Гоце Делчев“.

- „Првата лего лига“ е всушност натпревар кој се одржува на светско ниво во околу над 100 држави со учество на голем број учесници, еве, ние во Македонија го одржуваме по шестипат овој тип на натпревар, а како училиште се вклучуваме првпат. За потребите на предмети од роботика и автоматика, мината година беа набавени два робота коишто ја поттикнаа креативноста и иновативниот дух кај нашите ученици. Благодарение на тие роботи, денеска сме и домаќини и ќе учествуваме во еден ваков тип на натпреварување, вели Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип.

Тимовите се наптреваруваат во игра со роботи кои сами ги создаваат, а притоа решаваат проблеми, размислуваат критички и креативно и ја промовираат тимската работа.Минатата година натпреварот се одржа во Кампус 2 на Универзитетот „Гоце Делчев (УГД)-Штип. Таму како најдобар се покажа тимот од СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани, кој ја претставуваше Македонија на Светското првенство во роботика во Мароко.