Поради случајот со масовни мејлови со предизборен материјал што Грците кои живеат во странство ги добиле од европратеничката на Нова демократија Ана Мисел Асимакопулу, без притоа да постои нивна согласност за споделување на личните податоци, генералниот секретар во Министерство за внатрешни работи на Грција си поднесе оставка, а Асимакопулу соопшти дека нема да се кандидира на евроизборите во јуни, јави дописничката на МИА од Атина.
Случајот беше откриен на почетокот на месецов, кога голем број грчки граѓани кои живеат во странство пријавија дека добиле мејлови од европратеничката на Нова демократија и се сомневаа дека нивните електронски адреси биле споделени, без нивна согласност, откако се пријавиле на платформата за поштенско гласање на евроизборите.
Европратеничката Асимакопулу преку социјалните мрежи утрово соопшти дека нема да биде кандидатка за нов мандат во Европскиот Парламент, по што следеше и оставка на генералниот секретар во Министерството за внатрешни работи на Грција, со оглед на тоа дека ова Министерство е надлежно за изборниот процес, додека пак според грчките медиуми, разрешен е секретарот надлежен за дијаспората во Нова демократија.
За целиот случај реагираа опозициските партии во Грција, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју пред неколку дена рече дека постојат неодговорени прашања, случајот мора да се истражи и од судството и од надлежното Министерство за внатрешни работи, а паралелно најави дека и самата Влада ќе го истражи.