Деветнаесет поранешни припадници на АРМ денес во просториите на Министерството за одбрана се здобија со Лиценци за обезбедување врз основ на потпишаниот меморандум за соработка меѓу Министерството и Комората на Република Македонија за приватно обезбедување. Овие лица кои најнапред поминаа низ процесот на селекција, ја поминаа обуката која беше составена од теоретски и практичен дел.

Маја Стојановска, државен советник за човечки ресурси на денешното доделување на лиценци се осврна на обврските кои Министерството ги превзема во однос на поранешните припадници на АРМ на кои им беше претходно завршен договорот, но со направените измени на Законот за одбрана истите беа повторно активирани како помошен персонал.

„Доделувањето на Лиценци за обезбедување е резултат на посветеноста на Министерството за одбрана за доквалификација на овие лица кои голем дел од својот живот го поминале како дел од Армијата. Во изминатиот период беше направена измена на систематизацијата и беше отворено посебно одделение кое ќе биде надлежно за обезбедување на објектите на Министерството“, истакна Стојановска.

Со денешното доделување на Лиценци за физичко обезбедување на лица и објекти, Министерството за одбрана продолжува со грижата за поранешните припадници на Армијата на Република Македонија. По направените измени на Законот за одбрана, поранешните припадници беа вработени во Министерството за одбрана, а подоцна по барање на одредени јавни и државни служби некои од нив беа превземени и денес се дел од судската и затворската полиција.